Денеска официјално стартува примената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со што е створена законска можност да отпочне процесот за легализација на околу 310.000 дивоградби во земјава (најмногу се индивидуални куќи), колку што досега евидентирала Агенцијата за катастар на недвижности. Барањата за легализација ќе можат да се поднесуваат во рок од шест месеци, односно до септември. Сопствениците на индивидуалните дивоградби за да добијат легитимен статус за објектот, ќе треба до општината каде се наоѓа објектот да достават три документи и да платат по едно евро за квадрат. Ценовникот за легализација на останатите типови градби ќе биде донесен на некоја наредна владина седница.
Денеска официјално стартува примената на Законот за постапување со бесправно изградени објекти со што е створена законска можност да отпочне процесот за легализација на околу 310.000 дивоградби во земјава (најмногу се индивидуални куќи), колку што досега евидентирала Агенцијата за катастар на недвижности.
Како што појаснува министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, барањата за легализација ќе можат да се поднесуваат во рок од шест месеци, односно до септември.
- Сопствениците на индивидуалните дивоградби за да добијат легитимен статус за објектот, ќе треба до општината каде се наоѓа објектот да достават три документи и да платат по едно евро за квадрат - појаснува Јанакиески и додава дека ценовникот за легализација на останатите типови градби ќе биде донесен на некоја наредна владина седница.
На граѓаните, за да може да ги легализираат куќите по едно евро за квадрат, ќе им бидат потребни само три документи: уверение за државјанство или копија од лична карта; доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги и Геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на објектот со имотен лист. Доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци ќе биде потребна изјава заверена на нотар која ќе биде дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправниот објект е изграден пред влегувањето во сила на овој закон.
Утврдување правен статус
Општината, односно органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, е должна во рок од шест месеци од приемот на барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект, да утврди дали се исполнети условите за вклопување на бесправниот објект во урбанистичкиот план. Ако условите се исполнети тогаш се издава урбанистичка согласност или се донесува решение со кое се одбива барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект.
Исто така, општините се должни урбанистичко-планска документација со која се врши вклопување на бесправните објекти да ја донесат во рок не подолг од пет години од денот кога решението за утврдување на правен статус станало конечно.
Со донесеното законско решение, предвидено е и прекинување на постапка доколку со барањето за утврдување на правен статус на бесправен објект не е доставен некој од наведените докази или земјиштето на кое е изграден бесправниот објект е со незапишани права, доколку со барањето е доставено и известување од нотар повереник на оставинскиот суд дека се води оставинска постапка за земјиштето на кое е изграден објектот. По прекинот на постапката барањето може да се дополни, под услов документите заради кои е прекината постапката да бидат дополнети, за кои барателот ќе биде претходно известен.
- Граѓаните воопшто не треба да се плашат доколку не обезбедат некој од документите. Тоа може да биде случај со геодетскиот елаборат. Општината по службена должност ќе направи прекин на постапката со што се додека трае овој закон ќе имаат можност да го достават документот - потенцира Јанакиески.
Легализација на доградби и наградби
Со овој Закон најнапред беа опфатени градбите од значење за Републиката утврдени со Законот за градење и законската регулатива на РМ, градби со намена производство, дистрибуција и сервиси (тешка и загадувачка индустрија, лесна и незагадувачка индустрија, сервиси и стоваришта), објекти со намена домување во станбени куќи и електронски комуникациски мрежи и средства, кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, како и делови на објекти со наведената намена кои се изградени без или спротивно на одобрение за градење, до стапувањето во сила на овој закон.
Но, преку амандмани поднесени од страна на пратеници во Собраните на РМ, сега предвидено е законот да ги опфати и градбите од локално значење, односно сите видови градби (доградби и надградби) предвидени во Законот за градење, како и Јавни здравствени установи, со цел утврдување на нивниот правен статус. Легитимен правен статус можат да добијат и становите во дивоизградени станбени згради.
Легализацијата на објектите што се диво изградени во заштитени подрачја ќе се спроведува по претходна консултација со релевантни надлежни институции, кои ќе треба да се произнесат дали воопшто може да се легализира конкретен објект на таков вид земјиште.
Сите средства од легализацијата на индивидуалните објекти ќе се слеваат во општините. Објектите кои нема да добијат правен статус со овој закон ќе бидат третирани согласно одредбите од Законот за градење и истите ќе бидат отстранети од страна на надлежните инспекциски служби.